Кога треба да употребите македонски документ во странство, често ќе се сретнете со поимот „апостил печат“. За многу луѓе постапката изгледа сложено, особено кога за првпат треба да подготват диплома, пресуда, уверение, извод или превод за употреба во друга држава.
Во суштина, апостилот претставува посебна заверка со која се потврдува автентичноста на потписот и својството на лицето кое го потпишало документот, како и автентичноста на печатот или штембилот на документот. Неговата цел е документот издаден во една држава да може да се употреби пред институциите на друга држава, без да биде потребна сложена постапка на повеќекратна легализација.
Апостилот се користи согласно Хашката конвенција од 1961 година, односно меѓу државите кои се потписнички на Конвенцијата.
Што докажува апостилот?
Важно е да се знае дека апостилот не ја потврдува содржината на документот и не значи дека институцијата во странство однапред ја прифаќа содржината на документот.
Неговата функција е да потврди дека потписот, печатот или својството на лицето што го потпишало документот се автентични.
На пример, доколку апостил се става на оригинална судска одлука, апостилот потврдува дека лицето кое ја потпишало одлуката е овластено лице од соодветниот суд и дека потписот и печатот можат да се потврдат како автентични.
Кога апостилот се става во Министерството за правда на документ заверен кај нотар, се потврдува автентичноста на нотарската заверка и својството на нотарот. Кај судски превод заверен кај нотар, со постапката се потврдува заверката на преводот, односно дека документот е заверен од овластен нотар, а со тоа се потврдува дека и самиот превод е извршен од страна на овластен судски преведувач.
Каде се става апостил печатот?
Во Република Македонија, местото каде што се става апостилот зависи од тоа на каков документ треба да се стави апостилот.
1. Апостил на оригинален документ
Доколку апостилот треба да се стави директно на оригинален документ, постапката се спроведува во основен суд.
Ова може да биде случај, на пример, со одредени оригинални судски одлуки, дипломи и други јавни исправи издадени од соодветните институции.
Во ваков случај, не е потребно претходно документот да се заверува кај нотар. Документот се доставува директно за ставање апостил во надлежниот суд.
При ставањето на апостилот во судот се проверува потписот и печатот на лицето односно институцијата која го издала и потпишала документот.
2. Апостил на судски превод или заверен препис
Доколку апостилот треба да се стави на судски превод или на заверен препис на документ, постапката се спроведува во Министерството за правда.
Во овој случај, документот најпрво треба да биде соодветно заверен кај нотар, а потоа се доставува во Министерството за правда за ставање апостил.
Министерството за правда, согласно своите упатства, врши апостил на документи заверени кај нотар, вклучително и на судски преводи заверени на нотар.
Затоа, доколку ви е потребен превод на документ за употреба во странство и од странската институција се бара апостил и на преводот, важно е најпрво преводот да биде заверен кај нотар и потоа да се спроведе постапката за апостил.
Колку чини и како се плаќа таксата?
За ставање апостил се плаќа административна такса.
Плаќањето во Министерството за правда може да се изврши на ПОС терминал или со уплатница ПП50 во банка или пошта. Доколку апостилот се става во суд, плаќањето може да се изврши исклучиво со уплатница.
За кои држави се користи апостил?
Апостилот се користи кога документот треба да се употреби во држава која е потписничка на Хашката конвенција од 1961 година.
Доколку државата во која треба да се употреби документот не е потписничка на Хашката конвенција, апостилот не е доволен. Во таков случај се применува постапка на дополнителна легализација.
Вообичаено, документот најпрво се заверува во надлежните институции во Република Северна Македонија, а потоа се врши дополнителна заверка во Министерството за надворешни работи и во соодветната амбасада или дипломатско-конзуларно претставништво на државата каде што документот ќе се користи. Министерството за правда и официјално разликува две постапки – апостил за држави потписнички на Хашката конвенција и дополнителна легализација за држави кои не се потписнички.
Списокот на држави потписнички на Хашката конвенција може лесно да се провери преку интернет, а доколку не сте сигурни која постапка ви е потребна, најдобро е тоа да го проверите пред да започнете со заверките.
Колку време трае постапката?
Постапката за апостил вообичаено може да се заврши за 1–2 работни дена, зависно од видот на документот, потребните заверки и институцијата во која се спроведува постапката.
Затоа, доколку документот ви е потребен за работа, студирање, брачна постапка, регулирање престој, нострификација или друга административна постапка во странство, препорачливо е да не ја оставате подготовката за последен момент.
Потребен Ви е превод и апостил?
Подготовката на документи за употреба во странство често не завршува само со преводот. Во зависност од документот и државата во која ќе се користи, може да биде потребна нотарска заверка, апостил или дополнителна легализација.
Доколку не сте сигурни која постапка е потребна за вашиот документ, важно е најпрво да се утврдат барањата на институцијата каде што ќе го доставувате документот.
Sudski Prevodi MK Ви стои на располагање за професионален превод на Вашата документација и целосна подготовка на документите за употреба во странство, вклучувајќи и нотарска заверка, апостил печат и легализација по потреба.
За дополнителни информации, контактирајте нè.